Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски победници на шестото издание на „Охрид трчаТ“
Балканските рекордери и македонски прваци Адријана Поп Арсова во женска и Дарио Ивановски во машка конкуренција се победници на полумаратонот од 21 километар на шестото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“, што денеска се одржуваше низ охридските улици.
Второто место во машка конкуренција му припадна на американецот Џастин Фриман, а трет беше Тирон Мамуша од Косово. Во женска конкуренција втора до целта стигна Биљана Кираџиева, а трета беше Миљана Ристиќ, и двете македонски атлетичарки.
На петкилометарската трка најдобра беше Јана Стефановска, втора Бојана Наумовска, а трета Андријана Богдановска. Во машка конкуренција најбрз беше Кристијан Наумовски, втор Мартин Даески, а трет Наум Танески.
Директор на атлетската манифестација „Охрид трчаТ“, Иван Цветкоски водејќи се по девизата дека секогаш може подобро изрази задоволство од тридневната атмосфера.
– За нас се најбитни референците од тркачите. Оние што имаат искуство околу трчањето во однос на патеката и организацијата овие три дена се воодушевени, забележа Цветкоски.
Посебно се горди, како што рече, на пофалбите добиени од публиката што остана покрај патеката да ги бодри натпреварувачите.
– Она што сега го добиваме како информација што ни е особено мило и стануваме горди се сите оние пофалби што ги добивме за тие што беа покрај патеката. Трките се трчаат во строгиот центар и нас ни и особено драго што граѓаните веќе го препознаваат настанот како свој, излегуваат на улица ги бодрат луѓето и се однесуваат според сите европски вредносит и култура кога се организира еден ваков настан, истакна Цветкоски.
На шестото издание на манифестацијата „Охрид трчаТ“ учествуваа околу 1.300 атлетичари, спортисти и рекреативци 18 земји меѓу кои од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Бугарија, Полска…, а поголемиот дел од нив најавиле присуство и за идната година.
Настанот е во организација на атлетскиот клуб „Охрид трчаТ“ со поддршка на Општина Охрид и неколку општествено одговорни компании. За првите три места на трката од 21 километар беа доделени парични награди од 300, 200 и 100 евра, додека останатите добија медали, дипломи и симболични подароци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа