Пожар во студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје
Пожар избувнал изутринава околу 4 часот во помошна просторија во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Повредени нема, а причинета е само материјална штета.
Според информациите од полицијата пожарот избувнал во помошна просторија на приземјето во блок В. Навремената интервенција на Противпожарната бригада не дозволила пожарот да се прошири.
Студентскиот Парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска со соопштение изрази жалење за пожарот.
- Ние секогаш ги поддржуваме студентите и се грижиме за нивните права и интереси. Од полицијата што веднаш беше повикана, првичните информации укажуваат дека пожарот е причинет од човечки фактор, но се уште не постојат подетални податоци, се вели во соопштението од СПУКМ.
Од Студентскиот парламент истакнуваат дека од надлежните ќе побараат да се зголеми безбедноста во домовите.
- Ние сме секојдневно на терен меѓу студентите и се грижиме за правата и интересите на оние кои се сместени во студентските домови. Зголемувањето на студентскиот стандард и потребата од промени кон подобро е врвен приоритет на СПУКМ. Ги охрабруваме студентите доколку имаат било какви информации за настанатиот пожар да соработуваат со надлежните, се вели во денешната писмена реакција на СПУКМ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа