Скопје и вечерва се гуши во загаден воздух
Вечерва воздухот во Скопје е екстремно загаден, а речиси сите мерни станици на апликацијата „Air Care“ покажуваат категорија „опасно“.
Мерната станица во Маџир Маало измери 976, а во Визбегово 749 ПМ10 честички на метар кубен.
Под 500 ПМ 10 честички покажуваат мерната станица поставена кај Министерството за внатрешни работи, 481, Гази Баба 347, Карпош 292, 11 Октомври 246, Ѓорче Петров 154.
Во пониската, „црвена“ категорија се мерните станици во Аеродром и во Ѓорче Петров каде измерени се 131 и 113 ПМ10 честички на метар кубен.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска објави податоци според кои воздухот е категоризиран како екстремно лош (сиромашен) на мерните станици во Берово, Тетово и Гостивар, а многу лош во Ѓорче Петров, поради концентрацијата на ПМ 2,5 честички.
ИЈЗ, повикувајќи се на европскиот Индекс за квалитет на воздух на Европската агенција за животна средина, во категоријата „многу лош“ ги смести Струмица, Битола и Кичево, но таму поради зголемени концентрации на ПМ 10 честички.
Како лош, пак, поради зголемени ПМ 10 честички е во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп, а во иста категорија, но поради ПМ 2,5 честички е класифициран воздухот во Кочани и Гевгелија.
ИЈЗ издаде и препорака до граѓаните да останат дома ако немаат потреба да излегуваат, да носат маска, да не се отвораат прозорците, да се намали физичкиот напор на отворено, редовно примање на терапиите, да се избегнува престој на отворено, да се користи прочистувач на воздух итн.
Најчувствителните, велат од ИЈЗ, се следните категории: децата помлади од 5 години и постарите граѓани, особено оние над 65 години; бремените жени; лицата со хронички заболувања; пациентите со астма и ХОББ; дијабетичарите; луѓето кои работат на отворено, социјално загрозените категории и пушачите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа