Мелони во Киев го критикуваше говорот на Путин: „Тоа беше пропаганда“

 

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска во Киев го оцени говорот на рускиот претседател Владимир Путин како „пропаганда“ и вети континуирана италијанска поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Мелони во главниот град на Украина пристигна со воз од Полска, а ова е нејзина прва посета на Украина откако во август ја презеде премиерската функција како лидерка на победничката десничарска коалиција.

- Дел од моето срце се надеваше на некои поинакви зборови – чекор напред … Тоа беше пропаганда, рече Мелони, коментирајќи го говорот на Путин. Таа ова го изјави за време на посетата на Ирпин, град во близина на Киев каде што беа пронајдени масовни гробници по повлекувањето на руските војници.

Путин во денешниот говор рече дека Москва ќе ги постигне своите воени цели во Украина, а Западот го обвини дека се обидува да ја уништи Русија.

Мелони пристигна во Киев еден ден по посетата на американскиот претседател Џо Бајден на главниот град на Украина пред годишнината од руската инвазија на 24 февруари.

Зборувајќи подоцна во Киев покрај украинскиот претседател Зеленски, Мелони рече дека секој мировен договор што подразбира предавање на делови од Украина на руските сили „не може да биде вистински мир“. Таа исто така додаде дека поразот на Украина може да доведе до руска инвазија врз други европски земји и вети продолжување на италијанската воена поддршка за Киев.

Мелони нагласи и дека Италија планира да биде домаќин на меѓународна конференција за обнова на Украина во април. Пред Ирпин, каде што им достави помош на жителите, Мелони ја посетила Буча, друг град во кој беа пронајдени масовни гробници по руското повлекување.

Русија ги отфрли обвинувањата дека нејзините сили се одговорни за воените злосторства во двата града.

Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, на италијанската лидерка и подари комеморативна монета направена од чаури и гранати пронајдени во Буча. Таа положи и цвеќе на споменикот на жртвите на војната.

21.02.2023 - 21:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега