Јакимовски: Советници живеат во озаконети дивоградби, а гласаат против легализација на објекти на граѓани
Советниците од Општина Карпош, кои живееле во дивоградби и си ги легализирале, гласаат против легализација на куќи на граѓани со комплетна документација. Ова го посочи градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој заедно со некои од нив, од разни партии, садеше дрвца во општина Карпош. Тој даде оценка добар (3) за односите помеѓу него и советниците.
„Некогаш ни се случуваат илузорни работи, на пример, треба да се легализира куќа на граѓанин, кој ги исполнил сите услови, вклучувајќи и согласност од Град Скопје, од Министерство за екологија, а апсурдна е ситуацијата кога ќе видите дека против тоа гласаат советници што живеат во дивоизградени куќи, кои се легализирани. Дали е тоа етички? Или против тоа гласаат советници чии партии го донеле Законот за легализацијата. Зарем јас можам на некој граѓанин, кој исполнува услови, да му кажам дека нема да му дадам одобрение за градба? Ако тој донесе имотен лист, проект, плати комуналии, маркичка…, јас сум должен да му издадам одобрение. Одобрението нема да го издадеме ние, ќе го издаде Управниот суд. Апелирав, дајте колеги, нема зошто да ја врши некој друг нашата работа, треба да си ја вршиме ние. Тоа се тие апсурди кај поединци“, вели Јакимовски.
Тој посочува дека има работи и за кои се согласуваат.
„Имате советници кои на поинаков начин ја толкуваат својата улога во Советот. Некои се ориентирани да ги слушаат партиските лидери, некои успеваат да се надраснат себеси и на прво место да им се проблемите на граѓаните и нивното решавање. Ние сме платени да ги решаваме проблемите, а не да создаваме проблеми. За некои работи успеваме да најдеме заеднички јазик, за некои работи сè уште разговараме“, додаде Јакимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа