Зоран Заев „се исповеда“ на Facebook

Почитувани подржувачи,
Јас, Зоран Заев во три изборни циклуси по ред го декласирам овој монструозен режим на ВМРО ДПМНЕ. Точно знам како да се изборам и да ги поразам гнасотиите на системот на Груевски. Не се повлекувам од ниту една битка, тоа не е моја карактерна особина.
Победнички менталитет ќе го пренесам и ќе стане доминантен и во мојата матична партија. Подготвен сум заедно со моите сопартијци да ја поведеме СДСМ во една многу посветла иднина. СДСМ како победничка партија. Ве уверувам, 2-ри Јуни е почеток на новиот СДСМ, но воедно и почеток на крајот на владеењето на ВМРО ДПМНЕ.
Сепак, за ова да се случи постои само еден суштински услов, што зависи од сите нас во СДСМ, a тоа е достоинствена и цивилизирана внатрепартиска изборна процедура. Јас до крај доследно и упорно ќе се залагам и ќе инсистирам на изборен натпревар базиран врз еднакви и фер услови, ослободен од секаков вид на притисоци, лобирања, групирања, поделби, кавги, непријателства. Само единствен, цврст, сплотен и моќен СДСМ може да му нанесе пораз на нашиот противник. Наш противник е ВМРО ДПМНЕ. Не се тоа нашите сопартијци, членови, делегати, колеги, симпатизери. Уште помалку се тоа конкурентите во овој изборен процес. Јас има целосен респект и почит кон останатите кандидати. Сите тие се мои драги пријатели и блиски партиски сооработници, а тоа ќе бидат и во иднина.
Почитувани членови на СДСМ, почитувани сопартијци. Ве повикувам да се издигнеме над предизвиците што се надвиснати на нас. Да создадеме амбиент за чесен, квалитетен и содржаен изборен амбиент. Нека победи најдобрата, најтемелната, највизионерската старатегија, програма, кандидат. Нека гласаат нашите делегати врз основа на сопствениот впечаток и убедување. Нека блесне новото, светло лице на СДСМ.
Некои велат, реагирам емотивно.Точно е, преемотивен сум кога е во прашање мојата партија и нејзината иднина. Како и досега, така секогаш, со жар и емоции, со љубов и искреност, но и со разум и темелност, со сериозност и посветеност, ќе се вложувам за нејзиниот успех.
Не ми треба претседателската функција, ако крај себе немам еден ваков СДСМ.

(Интегрален текст од facebook статус на Зоран Заев, кандидат за претседател на СДСМ и градоначлник на Струмица)

најчитано сега