Ставрески: Банкарскиот сектор да даде поголема поддршка на приватните фирми
Банкарскиот сектор да даде поголема поддршка на приватните фирми, банките се стабилни и ликвидни и нема причина да не дојде до заздравување на кредитната активност, а особено, поголема поддршка треба да дадат неколкуте најголеми банки во земјата.
Oва го истакна министерот за финансии Зоран Ставрески на денешниот ФИНЕСКОП 2013 година.
- Порастот на кредитите од 4-5 проценти можеби не е доволен, но не е лош за оваа фаза, но еден од проблемите е што најголемите банки се со понизок раст од овој, а растот го генерираат главно средните банки во Македонија. Треба да се преиспитаат политиките на овие неколку најголеми банки и тие да дадат придонес за раст на приватниот сектор, рече Ставрески.
Тој смета дека долгорочно и среднорочно треба да се избалансира економскиот раст со поголемо учество на приватниот сектор.
- Економскиот раст во услови на криза во Европа е таков каков што е, односно базира на глобални инвестиции и извоз од компании што работат во зоните, но долгорочно гледано потребно е поголема поддршка на банките на приватниот сектор, рече Ставрески.
Сппоред претседателот на Здружението на банкари при Стопанската комора на МАкедонија, Ѓорѓи Јанчевски, банкарскиот сектор годинава добро се движи, има доволна ликвидност и за поддршка на проектите од фирмите и за купување на државни и благајнички записи.
- Воопшто не штети на кредитирањето на фирмите бидејќи има пари и за двете страни. Државата има една милијарда евра во државни записи и обврзници од кои 582 милиони се на банките. Тоа не пречи на кредитирањето на фирмите бидејќи има доволна ликвидност. Тие се краткорочни средства и може да се пренаменат доколку има добар проект, рече Јанчевски.
Тој истакна дека од јули има придвижување кај кредитирањето на фирмите. Вкупно кредитите бележат раст од 4 проценти, кај населението растот е 8 проценти, а кај претпријатијата 0,4 проценти. Јанчевски очекува следната година да се засили кредитната активност на банките. Според него, во услови на рецесија не може банките да имаат засилена кредитна активност и оти е потребно циклусот да се сврти и банките понатаму ќе поддржуваат добри проекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа