Македонија влегува во портокалова фаза, Владата донесе препораки за ослободување од работа на неколку групи
Владата на денешната седница ја разгледа информацијата од Министерството за здравство за високите температури што се очекуваат во следните четири дена и усвои соодветни препораки. Државата, како што извести Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од утре, 13 јули 2023 година, ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.
Сите региони во државата: Скопскиот, Осоговско-малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.
Поради тоа, почнувајќи од утре, 13 јули 2023 година (четврток), почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури во согласност со акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
Во согласност со усвоеното, Владата препорачува:
Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години; во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот; единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да кажуваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Во согласност со добиените информации, Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.
Владата му препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сè, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
„Сите правни субјекти, кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници; градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот. Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 до 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување“, велат од Владата.
„Владата и надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури, со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните“, дополнуваат од таму во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа