Бренер воодушевен: Македонија има одлични услови за бизнис зделки

 

Македонските компании да се изборат со предрасудите на некои странски бизнис партнери кои земјата се уште ја гледаат како дел од поранешна Југославија, да ги претстават своите фирми на интернет со сите особености, карактеристики, уникатност и да учествуваат на што е можно повеќе саеми како услов за директно запознавање со потенцијалните клиенти, конкуренти, соработници, порача денеска Хато Бренер, германски консултант за извоз и претседател на Европската асоцијација на средни претпријатија, кој денеска имаше обраќање пред Собранието на Стопанската комора.

- Македонија има образовани претприемачи, услови за инвестирање во технологија, доверливи, сигурни, отворени луѓе, што не е вообичаено за сите балкански земји, а е клуч за добра зделка. Овие предности мора да се искористат, но и да се промовираат за да им влезат во глава на деловните партнери, истакна Бренер.

Тој истакна дека е подготвен да им помогне на македонските компании во остварување на контакти со германски фирми.

- Но, за тоа ми е неопходна ваша помош. Промовирајте ги своите компании, особеностите на вашите фирми, само така ќе има смисла да одиме напред, да ја интензивираме соработката. Направете го тоа најдобро што можете, на три јазици, македонски, англиски, германски, за да ве најде секој што сака, и задолжително посетете еден од нашите 150 саеми, рече Бренер.

Тој потенцираше дека Германија е отворена за соработка која ги надминмува границите и културите.

- Кај нас, од вкупно 82 милиона жители, 20 милиони не се Германци. Четири милиони доаѓаат од Турција, пет милиони се од Русија,... Македонија, пак, ја карактеризира мултикултурализмот, истакна експертот.

Тој објасни дека во Германија има 3,5 милиони фирми од кои 98 отсто се мали и средни. Повеќето имаат проблем со своите шефови кои, рече Бренер, мислат дека тука има војна или дека е како во времето на Југославија. Тој појасни дека шефовите на германските компании не знаат дека во Македонија се наоѓа најстарото езеро, дека водата е чиста, а воздухот одличен. За овие предрасуди да се надминат, рече Бренер, Македонија треба да прави агресивен маркетинг, да гради доверба.

Според него, најголем потенцијал за соработка со Македонија има во изработувањето делови за германската автомобилска индустрија и во производството на мебел. Во Германија моментно живеат околу 200.000 Македонци. Некои имаат фирми, главно во угостителството и дејноста увоз/извоз. Сите оставаат одличен впечаток за земјата од која доаѓаат.

Бренер истакна дека ова е негова прва посета на Скопје по 10 години. Тој се воодушевил од напредокот на градот во секоја смисла. Шетал неколку часа, фотографирал, па дури и се јавил на својата сопруга за да ги сподели импресиите.

Хато Бренер дава услуги на мали и средни претпријатија во 25 земји нив светот.

12.12.2013 - 15:23
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега