Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев со две дисциплински постапки, обвинителската иднината им зависи од Комисијата за дисциплинска одговорност

 

Две дисциплински постапки се иницирани против обвинителите Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев, пренесува „Макфакс“. Првата е за наводите дека соработувале со осудениот сопственик на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски. Втората, според извори во Обвинителството, е поднесена поради нестручно постапување. За двете дисциплински се доставени и докази кои треба да ги цени Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност. Обвинителството не споделува детали од дисциплинските постапки. Молк и од обвинителите Фетаи и Рајчев. На потег е петчлената комисија.

„Во моментов има иницијативи за дисциплински постапки против неколку јавни обвинители. Дисциплинската комисија до овој момент не донела одлука за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност на наведените обвинители“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.

Се постапува и по кривичната пријава поднесена од шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против двајцата обвинители посочени од Стаменковски. Обвинител проверува дали неговите колеги сториле злоупотреба на службена положба и овластување или злоупотреба на лични податоци, дела за кои е поднесена пријавата.

„Кривичната пријава е примена и ќе биде распоредена кај јавен обвинител кој ќе ги провери наводите“, додаваат од Обвинителство.

„Макфакс“ контактираше со Фетаи и Рајчев. Ги прашавме дали се запознаени со дисциплинските покренати против нив, како и за коментар. Од нив молк. Тие не одговорија дали во некој од предметите кои ги воделе постапиле спротивно на правилата за работа.

Барањата за одговорност од Фетаи и Рајчев дојдоа откако Марјан од „ДоказМ“ кажа дека соработувал со обвинителот Рајчев и уште една обвинителка. За Рајчев посочи дека му испраќал информации. Ова беше демантирано од обвинителот, кој истовремено најави и тужба за клевета.

09.08.2023 - 19:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега