Се помалку млади во државата и недоволно средства за политики за млади

 

Во пресрет на Меѓународниот ден на младите, Фондацијата за демократија на Вестминстер организираше Конференција за млади, на 10-ти август 2023, на која се промовираа две анализи за млади и младински политики проследени со панел дискусија со претставници од институциите и младинскиот сектор. 

Наодите од анализата „Млади и Попис“ укажуваат дека бројот на млади, 15 до 29 години, во државата значително се намалува, населението старее со 6% помалку млади споредено со пописот во 2002 година. Со други зборови, во 2002 година 24% од населението биле млади, додека пак во 2021 – 18 % од населението се млади. По степенот на образование, најголем дел од младите (48%) се со завршено средно образование, по што следат 30 % со завршено основно образование и 14 % со завршено високо образование. Иако има пад во младинската невработеност, која согласно последниот попис изнесува 28 %, сепак оваа стапка е за 15 % повисока од онаа во Европската Унија.  

Анализата „Финансирање на младинското учество и политики“ покажува дека иако Законот за младинско учество и младински политики донесен во 2020 година пропишува издвојување на 0,3% од буџетот на национално ниво и 0,1 % од буџетот на локално ниво за млади – за институциите сѐ уште е нејасно што се подразбира со ова. Од тие причини, не може да се утврди колку точно средства се двојат за младински политики. Најголемиот дел од државниот буџет за млади се издвојува за Агенцијата за млади и спорт, но само 4 %-5 %  се трошат на програмата млади, наспроти програмата спорт. Расходите на АМС поврзани со млади, изнесуваат 0,008 % од вкупните расходи од државниот буџет. Овој закон предвидува и формирање и на младински центри во сите општини најдоцна до 2025 година, а во моментов само во 8 општини младите имаат пристап до младински центар.   

Државата мора итно да почне да ги третира младинските политики како суштински и стратешки приоритет на државата, и уште поважно – да креира стратегии за долгорочно справување со демографските промени во државата и нивните ефектистои во препораките на анализите.   

Настанот го отвори г-дин Доминик Роудс, раководител за политика и комуникација во Британската амбасада: „Да си млад човек понекогаш значи дека е тешко да бидеш слушнат, важно е институциите да ги гледаат младите како приоритет, не само за прашања како образование и вработување, туку и области како ментално здравје, социјална заштита и квалитет на живот“ 

По него се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт г-дин Наумче Мојсовски: „Агенцијата ги следи младинските состојби и се залага за подобрување, за АМС  е важно преку соработката со тела, како Клубот на млади пратеници и слушање на препораките кои стигаат до нас, да креираме соодветни политики или да отвориме процеси за измени – како што е сега процесот за измени на Законот за млади“ 

Младите мора да се најдат на листата на приоритети за да се решат нивните проблеми. Во држава со се помалку млади луѓе,  мора повеќе да се вложува за да се подобри нивниот живот и иднина во земјата“ – сподели Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија.  

На настанот се обратија и: Ѓорги Тасев, советник за млади и младински политики во Владата на Република Северна Македонија, Мариана Ангелова, НМСМ, Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика и Александра Наќева Ружин, советничка на министерот за финансии. Заклучоците од дискусијата и наодите од анализите ќе послужат за идната работа на ВФД со институциите и носителите на одлуки.  

Настанот е организиран во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската Амбасада

10.08.2023 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега