Заев: Граѓаните да не плаќаат ДДВ еден викенд пред почетокот на учебната година
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес - конференција презентираше нов пакет мерки од областа на економијата, вработувањето и работничките права. Заев предлага еден викенд во почетокот на септември, пред почетокот на новата учебна година граѓаните да не плаќаат ДДВ за купување на облека, покуќнина, училишен прибор и слично.
- Во тој викенд сите продавници коишто тргуваат со такви производи, како и сите банки, ќе имаат дозволено работно време од 24 часа. Со овој проект, се предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории граѓани, како и на припадниците на средната класа кон чие враќање сме фокусирани со сите мерки во програмата, рече Заев.
Во однос на поттикнувањето на вработувањето, Заев ги посочи мерките за ослободување на работодавачите во период од една година од обврската за плаќање на придонесите при прво вработување на млади лица до 27 годишна возраст, воведување на месечна финансиска поддршка при вработување на невработени до 27 години и владина поддршка за стажирање на невработени до 27 годишна возраст. СДСМ планира и финансиска поддршка за период од една година во висина до 70 проценти од просечната плата за вработување на деца без родители и инвалидизирани лица, самохрани родители, родители на три и повеќе деца, додека во делот за работничките права, Заев најави строга инспекциска контрола за почитување на евиденцијата и плаќањето на дополнителните работни часови и целосно искористување на претпистапните фондови на ЕУ за поттикнување на вработувањето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа