Ковачевски со честитка за почетокот на учебната година: Инвестираме во современи училишта
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски беше во посета на ДСУ Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ”, во Општина Куманово. Со претседателот на Владата, беа и министрите за образование и наука Јетон Шаќири и за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Ова училиште стана регионалниот центар во 2021 година за две струки и тоа земјоделско ветеринарна и хемиско технолошка и од тогаш бројот на ученици значително се зголеми. Освен овие струки се отворија и нови како здравствена, сообраќајна, лични услуги. Во овој современ регионален центар инвестирани се околу 3 милиони евра, од кои 2 милиони за реконструкција и 1 милион за набавка на современа опрема. Реновирани и опремени со нова опрема се и работилници и лаборатории кои се во состав на училиштето, што им овозможува на учениците дел од практичната настава да ја реализираат во училиштето, но и во соодветните компании од регионот.
Премиерот Ковачевски им даде поддршка на учениците, кои својата иднина ја гледаат во дуалното образование и ги охрабри дека тоа за нив значи сигурна иднина и работа.
„Навистина ми е драго што денеска сум во средно стручно училиште во Куманово, со паралелки со дуално образование и што интересот на учениците за ова училиште е толку голем. Од она што ми го кажа директорката и другите наставници најголемиот број на ученици се запишуваат токму во дуалното образование. Овде има повеќе смерови на дуално образование од прехранбена струка, сточарство и ветеринарство, веќе се работи на воведување на машинска струка за обука на учениците, како и на други струки. Учениците, во компаниите кои потпишале договори со училиштето и со Министерството за образование и наука, имаат можност не само да учат теоретска настава, туку и практична настава. На тој начин од првиот ден на своето образование имаат можност да се вклучат и во работните процеси, и да станат многу поконкурентни на пазарот на труд во однос на своите врсници“, рече премиерот Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа