Груевски: Во времето на СДСМ немаше позитивен извештај и препорака за преговори

 

Премиерот Никола Груевски на синоќешната трибина во Велес истакна дека Македонија во времето на СДСМ никогаш не добила позитивен извештај со којшто ќе добие и препорака од Европската Комисија. Премиерот нагласува дека ЕК во ниеден момент не даде зелено светло дека земјата е подготвена за преговори, ниту пак НАТО објави дека Македонија ги има исполнето сите услови за членство во Алијансата во времето на владеењето на опозициската СДСМ.

- За две години по нашето доаѓање сите реформи потребни за влез во НАТО ги завршивме, а за уште една година плус сите реформи потребни за почеток на преговорите за доброволно членство во ЕУ беа завршени. И оттогаш пет последователни позитивни извештаи со препорака од Европската Комисија и Совет да ги започне преговорите со Македонија, рече Груевски.

Груевски додава и дека околу македонско-грчкиот спор со грижа се трудат да најдат решение кое нема да биде некој сериозен удар за нашиот идентитет.

За жал, рече тој, другата страна во овој момент е целосно дефокусирана, се занимава самата со себе и со своите проблеми, а и ЕУ практично на некој начин знаејќи дека е таква ситуацијата, посочи, не врши некој дополнителен притисок на нашиот јужен сосед за ова прашање. Сето тоа, оцени, плашејќи се тој притисок да не биде дополнителен товар на тој што сега го има нашиот јужен сосед со Европа,со долговите и другите финансиски проблеми со кои се соочува.

Според премиерот Македонија е подготвена за членство во НАТО.

- Постојано ќе правиме нови реформи и секогаш ќе бидеме подготвени да влеземе во НАТО и да ги почнеме преговорите со ЕУ тогаш кога тие ќе бидат подготвени да не примат и кога тие тоа ќе можат да го сторат. Се разбира при тоа со целосна почит кон нашиот идентитет и кон прашањата коишто ги отвара нашиот јужен сосед и без било какво решение ако тоа не е поминато на јавен референдум со сите граѓани на Република Македонија затоа што името не е мое, ниту на татко ми, не е на никој во земјава исто како и името на нашата нација и името на нашиот јазик и нашиот идентитет.Тоа е на сите и затоа уште од 2005 година ние кажавме ако дојде до компромис, ако дојде до решение може да дојде на државен организиран референдум на којшто сите граѓани ќе го кажат своето мислење, а Владата ќе го следи тоа мислење, потсети премиерот Никола Груевски на синоќешната трибина во Велес.

17.12.2013 - 10:06
Фото: 
вмро-дпмне.орг

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега