Усвоен Кварталниот извештај: Монетарната политика ќе ја задржи стабилноста на денарот
Советот на Народната банка, на 2 февруари 2024 година, ја одржа својата редовна седница, на која го усвои Кварталниот извештај за последното тримесечје од 2023 година. Во Извештајот се наведува дека во последниот квартал лани, Народната банка нема направено дополнителна промена во поставеноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата. Тековното ниво на основната каматна стапка, заедно со промените кај задолжителната резерва, како и со преземените макропрудентни мерки, овозможуваат забавување на инфлацијата, во согласност со очекувањата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, поставеноста на монетарната политика на Народната банка соодветствува со монетарната политика на Европската централна банка.
Најновите показатели од домашната економија упатуваат на макроекономска слика којашто главно соодветствува со октомвриските оцени. Реалниот БДП во третиот квартал бележи годишен раст од 1,2%, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1%). Расположливите високофреквентни податоци за економската активност покажуваат рани знаци на забрзување на годишниот раст во последното тримесечје од годината, што засега е во согласност со октомвриските оцени за умерен раст на БДП во 2023 година од 1,9%, а понатаму зголемување на 3% во 2024 година и 4% во 2025 − 2026 година. Зголемените геополитички тензии поради војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Газа и нивното евентуално проширување се клучните ризици на краток рок, коишто би можеле да предизвикаат нарушување на енергетските пазари и на глобалните трговски текови.
Во последното тримесечје од 2023 година, годишната стапка на инфлација дополнително забави, сведувајќи се на 3,4%. За целата 2023 година, просечната годишна стапка на инфлација изнесува 9,4% и е во согласност со проекцијата (9,5%). Според октомвриските оцени, за 2024 година се очекува дека просечната инфлација ќе се сведе на нивото од 3,5% до 4% и потоа ќе се стабилизира околу 2% на среден рок. Ризици околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи на светските берзи, поради геополитичките тензии и климатските промени, како и со промените на регулираните цени и побарувачката.
Во четвртиот квартал од 2023 година, кредитната активност на банкарскиот сектор умерено се засили во однос на претходниот квартал, што е карактеристично за крајот на годината. Сепак, на годишна основа, стапката на раст на вкупните кредити и натаму забавува, при затегнати монетарни услови, така што во последното тримесечје на 2023 година се сведе на 5,1%, што е малку под очекувањата според октомвриската проекција (5,7%). Истовремено, е забележан поизразен квартален раст кај депозитната база и натамошно забрзување на годишниот раст на депозитите, којшто достигна 9,1%, што е над очекувањата за крајот на годината според октомвриската проекција (8,4%). Притоа, и натаму има поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на долгорочните и на денарските депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземени од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти.
Надворешната позиција на економијата е поволна и овозможува раст на девизните резерви. Податоците за девизните резерви за четвртото тримесечје се подобри од очекувањата според октомвриските проекции, со што за целата 2023 година тие остварија повисок раст од очекуваниот и останаа во сигурната зона.
Во Извештајот се наведува дека условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни, додека ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат, поради што е потребна натамошна претпазливост, особено при водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа