Правото на абортус впишано во Уставот на Франција

 

Францускиот Парламент денеска гласаше за впишување на правото на абортус во францускиот Устав.

Потребното за ова мнозинство од три петтини беше постигнато на состанокот на двата дома на парламентот во Версај. Против гласаа само 72 пратеници, а „за“ 780.

Францускиот премиер Габриел Атал во својот говор зборуваше за „морална вина“ кон сите жени кои страдаа.

– Нè прогонуваат страдањата и сеќавањата на толку многу жени кои со децении страдаа од тоа што не можеа да бидат слободни, нагласи тој, додавајќи дека е задоволен поради „успешното завршување на долгата борба“.

За време на гласањето, неколку стотици активисти против абортусот се собраа во близина на Версај за да протестираат против уставните амандмани.

Католичката црква, исто така, јасно стави до знаење дека продолжува да ги отфрла абортусите.

И двата дома на парламентот претходно покажаа поддршка за уставна заштита на правото на абортус.

Во Франција од 1975 година се дозволени абортуси до 10-та недела од бременоста.

Оттогаш, законот е променет и дозволува на жените да абортираат до 14-та недела од бременоста, а трошоците за постапката се покриени со здравствено осигурување.

04.03.2024 - 20:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега