Остин: Бајден ја запре испораката на оружје за Израел
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека одлуката на американскиот претседател Џозеф Бајден да ја прекине испораката на муниција за Израел е донесена поради израелските планови да изврши офанзива врз градот Рафах на југот на Појасот Газа.
„Од самиот почеток бевме многу јасни дека Израел не треба да започне голема офанзива во Рафах без да ја земе предвид заштитата на цивилите во областа. Откако ја преиспитавме ситуацијата, престанавме да испраќаме муниција во Израел“, рече тој на сослушувањето во Сенатот и потврди дека конечната одлука „што ќе се случи со таа пратка“ се уште не е донесена, пренесува Ројтерс.
Администрацијата на САД ја запре испораката на околу 3.500 бомби во Израел минатата недела поради загриженоста за најавената копнена офанзива на Рафах, објави претходно денеска Асошиејтед прес, повикувајќи се на неименуван претставник од администрацијата.
Овој функционер појаснил дека не е донесена конечна одлука за испораката на бомбите и дека во суспендираната пратка имало 1.800 бомби од по 900 килограми и 1.700 бомби со тежина од 226 килограми.
Во понеделникот, израелскиот воен кабинет одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафах за да „изведе воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната најава на Хамас дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа