Раководството на СДСМ се сретна со американскиот амбасадор Волерс
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, потпретседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски попладнево остварија средба со американскиот амбасадор во Скопје Пол Волерс.
Според соопштението од СДСМ, амбасадорот Волерс истакнал дека клучот за напредок на Македонија се единствено ЕУ и НАТО интеграциите. - На средбата се разговараше за последните разочарувачки заклучоци од Европскиот Совет за Македонија, актуелната политичка ситуација во Македонија и за престојните претседателски избори. Американскиот амбасадор Волерс пренесе охрабрување од САД дека Македонија мора да опстои на евроатланскиот пат, кон што земјата треба да се фокусира во периодот што престои, се вели во соопштението.
Раководството на СДСМ, според соопштението, изразило разочарување и загриженост за заклучоците од Европскиот совет во кои Македонија 8 година по ред не доби датум за почеток на преговорите.
Од СДСМ ги потенцитрале како исклучително важни измените во изборното законодавство и обезбедувањето реален Избирачки список.
- Амбасадорот Волерс изрази очекување дека сите измени околу изборното законодавство и списокот ќе бидат направени согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, со цел обезбедување фер и демократски изборен процес, соопшти СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа