ЗНМ бара повлекување на наредбата од организациската директорка на Токсикологија
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува, како што вели, обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациска директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје.
- Според денешната пријава од членови на ЗНМ, на влезот на Клиниката за токсикологија во Скопје, јавно била истакната наредба со што се забранува на вработените да имаат контакти со новинари или медиуми. Во наредбата од 20.05.2024 година, се вели дека согласно член 30 и 31 од статутот на ЈЗУ Клиника за токсикологија - Скопје, се забранува неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, со што би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката, појаснуваат од ЗНМ.
Од Здружението нагласуваат дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот.
- Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес. Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции, бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс, кој јасно наведува дека новинарот ќе ги почитува законите, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, велат од ЗНМ.
Најавуваат и формално обраќање до ресорното Министерство и барање одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба.
Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и воспоставување на транспарентност во работењето на Клиниката.
Во известување на огласна табла на Клиниката за токсикологија потпишано од организациската директорка им се забранила комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола.
- Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање, се вели во известувањето потпишано од Иљази.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа