Градежните работи на пругата кон Бугарија започнуваат во март
Идната година во месец март ќе започнат градежните работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце.
Претставници на изведувачот на градежните работи, германската компанија „Вибе“, денеска потпишаа Договор со раководството на ЈП „МЖ Инфраструктура“ за реализација на проектот во вредност од 39.753.000 евра до третиот квартал во 2016 година.
- „Вибе“ ќе го имплементира проектот согласно условите од договорот. Нашата цел како компанија е да оставиме што е можно повеќе пари во државата. Ќе се насочиме кон тоа материјалите да ги набавиме од вашата држава и да ангажираме локално население да работи на проектот. Секако, шините мора да бидат купени надвор од вашата држава, рече по потпишувањето на договорот Волфганг Кортен од компанијата „Вибе“.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска информираше дека со овој договор кој се потпиша денеска пругата кон Бугарија станува реалност.
- Денес го реализираме даденото ветување дека до крајот на оваа година ќе се склучи договор за изведување градежни работи за рехабилитација на делницата Куманово – Бељаковце, посочи Јанакиески и додаде дека се создадени услови за почнување со градбата во март догодина.
Министерот за транспорт напомена дека се преземаат активности за реализација и на останатите две делници за железничкото поврзување со Бугарија, Бељаковце – Крива Паланка и Крива – Паланка – Деве Баир. Основните проекти за секцијата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри треба да бидат готови до првиот квартал 2015 година, а до крајот на третиот квартал 2015 година да се склучи договор со изведувач на градежните активности. Изградбата на таа делница ќе чини 144 милиони евра кои се планира да бидат обезбедени од меѓународни финансиски институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа