Мицкоски за Преспанскиот: Хистеријата кај јужниот сосед е поради изборите, не очекувам талибански однос

Идниот мандатар за состав на новата Влада и прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјавите ќе продолжи да користи „Македонија“. 

Одговарајќи на новинарско прашање објасни дека терминот „Македонија“ ќе го користи бидејќи тоа му е татковина. На Самитот на НАТО, доколку се отвори ова прашање ќе порачал дека сака да гради мостови со соседите.

Ова доаѓа откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави иницијатива поради некористењето на новото уставно име од страна на државни претставници. 

-Претпоставувам хистеријата кај јужниот сосед е поради изборите, не очекувам талибански однос. Се што е дел од Преспанскиот договор, Владата ќе го почитува. Вклучително и решенијата за пратеници, ги добивме со придавката. И предлог законот е со придавката вклучена во него. Но мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода и изразување и говор, рече Мицкоски.

Тој кажа дека не им се лути на политичарите кога не го кажуваат целото име туку само крајот или дел.

-Мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Комуникацијата која е дел од Уставот и законите, ќе остане додека тие се во сила, додаде Мицкоски.

05.06.2024 - 12:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега