Сериозна загриженост за независноста на судството во Македонија во извештајот на Европската комисија
Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија изразува Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај за владеење на правото.
„Северна Македонија имаше неколку реформски бранови во правосудството и усвои нова стратегија во правосудството за да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста. Сепак, независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Нивото на утврдената независност на судството е многу ниско“, пишува во извештајот, пренесува РСЕ.
ЕК ја истакнува и загриженоста за независното функционирање на Судскиот совет. Исто така, нотира и дека одлуките за именување и судии и обвинители биле критикувани од граѓанското општество поради сомнежи дека не се засновани на објективни критериуми.
Дополнително, се наведува и дека најавите на новата влада за распуштање на Судскиот и Советот на обвинители покренуваат сериозна загриженост кај ЕК.
„Понатамошната имплементација на препораките на Оценската мисијата ќе го зајакне интегритетот на Советот и ќе го подобри неговото функционирање. Најавите од новата влада за нејзината намера да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, покрена сериозна загриженост, бидејќи тоа би ја поткопало независноста на судството“, пишува ЕК во Извештајот за владеењето на правото во Северна Македонија
Во извештајот се забележува дека Врховниот суд под водство на претседателката Беса Адеми и Судскиот совет презеле мерки за да ја подобрат транспарентноста.
Уште еден аспект на кој се осврнува ЕК во извештајот во однос на независноста на судството се парите.
„Ограничените финансии кои се доделуваат во судството може да влијаат на неговата финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата“, нотира ЕК.
Европската комисија во извештајот забележува дека во Северна Македонија постои сеопфатна стратегија за борба против корупцијата, но заостанува нејзината имплементација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа