Мицкоски со поддршка на бранителите, со „Вреди“ не разговарале за законот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја повтори поддршката за бранителите и посочи дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути треба да го стави на дневен ред Предлог законот за бранители.
Одговарајќи на новинарско прашање дали законот за бранители ќе биде ставен на седница на Комисијата за труд и социјална политика, упати на одговор кај претседателката на Комисијата, Илире Даути, пратеничка од опозицискиот Европски фронт.
- За тоа ќе ја прашате Илире Даути. Треба да го стави, рече Мицкоски.
За поддршка на законот, како што изјави, не разговарал со коалициските партнери „Вреди“.
- Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, изјави Мицкоски.
Законот за бранители, на предлог на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, доби поддршка да се носи по скратена постапка во рамки на 14. седница на Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа