Таравари подготвен да разговара со Ахмети по вчерашниот повик за обединување на сите албански партии
Министерот за здравство, Арбен Таравари вели дека коалицијата Вреди е подготвена да разговара со Ахмети за прашања кои се од интерес на Албанците.
Таравари денеска коментирајќи го вчерашниот повик на Села, рече дека пред се, тој и Ахмети треба да се навикнат на фактот дека се во опозиција.
„Господинот Села и господинот Ахмети пред се треба да се навикнат дека се во опозиција, инаку нема проблем, со било кој, во било кое време подготвени сме да разговараме“ – рече Таравари.
Села вчера повика да се здружат сите албански партии, без разлика дали се на власт или опозиција, за да го спречат остварувањето на недобронамерните планови кон Албанците и другите заедници. Овој апел го упати Зијадин Села, од емисијата Клик плус на ТВ21. Села оценува дека има многу предрасуди од македонскиот политички фактор кон Албанците.
„Ние сме во време кога многу добро треба да размислиме какво ќе биде однесувањето, позиционирањето, не на Алијансата за Албанците, на ДУИ, Беса, ДПА или не знам кој, Демократско движење или како се вика не во однос на ВМРО, туку во однос на македонската политика. Овде треба да најдеме заеднички јазик за да спречиме во иднина да спроведуваме планови кои не се добронамерни кон Албанците, но и кон другите заедници, вели претседателот на АА, Зијадин Села.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа