Љутков: Македонската култура и јазик живеат во Словенија благодарение на трајните пријателства

 

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на работната посета на Словенија, вчеравечер во Витешката сала во Љубљана се обрати на промоцијата на книгата „Златен круг на времето“ од македонскиот поетски великан, Ацо Шопов. Станува збор за луксузно издание, на македонски и на словенечки јазик, илустрирано од реномираниот уметник Боге Димовски, кое ги обединува сите препејувачи кои во текот на последниве шест децении го препејувале Шопов на словенечки јазик.

-Горди сме на поединците од македонската културна средина како што е Ацо Шопов. Токму поради ваквите личности, во светот моќно одекнаа силината и убавината на македонскиот поетски збор, истакна пред присутните министерот Љутков, потсетувајќи дека македонската култура, 2023 година ја чествуваше како „Година на Шопов“, а јубилејот, еден век од неговото раѓање, беше одбележан и во УНЕСКО.

На промоцијата, меѓу присутните гости беа и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, претседателот на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, Бранислав Тасков, кои ја издадоа книгата, претставници на македонската дијаспора, професори, преведувачи и други личности од јавниот живот на Словенија.

Министерот Љутков упати благодарност до Сојузот на македонските културни друштва во Словенија за нивните заложби за промоција на македонската култура, до многубројните преведувачи, меѓу кои е и професорката по македонски јазик, книжевност и култура на Филолошкиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е авторка на предговорот на оваа книга.

-Личностите како нив, кои се врвни професори и преведувачи на македонски јазик, се големо богатство за нас бидејќи сите тие се наши културни амбасадори. Македонската култура и македонскиот јазик живеат надвор од својата татковина благодарение на овие трајни пријателства и врски и ве уверувам дека и понатаму ќе работиме за тие да се унапредуваат и да се развиваат“, нагласи министерот Љутков.

22.09.2024 - 11:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега