Мицкоски задоволен од првите 100 дена - Сите кои добиле шанса ја оправдаа
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во обраќањето по повод 100 дена Влада повторно нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, сепак сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања.
Изминатите 100 дена од работата на Владата ги оцени како успешни и рече дека она што го прави горд и задоволен е тоа што сите оние кои добиле шанса, во најголем дел ја исполниле дадената можност без разлика од која политичка партија доаѓаат.
- Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања, рече Мицкоски.
На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.
- Има такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ направило премногу отстапки на коалиционите партнери и такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги поништи своите коалициони партнери. Ги слушам сите тие гласови кои доаѓаат од опозицијата од кои едната се обидува да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена. Тие мислат дека ако испраќаат такви пораки ќе внесат раздор и недоверба во таа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува заеднички дух. Не смееме да се вратиме кон овие политичари кои поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по корупција и многу предавства на сметка на личните интереси. Нема да навлегувам зошто ДУИ во изминатите 21 година не успеа да ги постигне стратешки цели, зошто СДСМ на лага се обидуваше да ја задржи својата власт. Имам да им порачам на двете партии дека имаме потреба од силна и конструктивна опозиција со која ќе се напреваруваме за политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните, рече Мицкоски.
Во однос на забелешките дека процесот на именување на кадри оди бавно, премиерот рече дека не треба да се избрзува и дека понекогаш е подобро да се направи еден вистински чекор, отколку да се направат три чекори па потоа да се враќаме пет чекори назад.
- Не можеме да зборуваме за брзина на именување на кадри затоа што многупати во минатото во јавноста имаше критика дека многу брзо се партизирале институциите, многу брзо се именувале партиски кадри, се менувале професионалци... Апсолутно се сложувам со тоа затоа што не секогаш треба да реагирате многу бргу за да покажете некаква силина и дека се што било претходно, не чинело. Покажавме како Влада дека се што било добро од претходната влада, сме го продолжиле како што беше и случајот со странските инвестиции, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа