Најдобриот млад научник имаше предавање пред претседателот Иванов

 

Катерина Бачева, носител на признанието „Најдобар млад научник“ за 2012 година, што го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов вчера вечер одржа предавање во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје.

 Пред присутните, д-р Бачева говореше на тема „Дистрибуција на тешки метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар“ и презентираше дел од резултатите добиени од истражувањето за нејзината докторска дисертација.

 „Истражувањето на локалитетот Алшар за мене претставуваше голем предизвик. На тој мал простор се наоѓаат над 45  различни  минерали  од  арсен,  антимон и талиум, од кои 7 талиумови минерали се наоѓаат само на Алшар и никаде на друго место во светот. Во околината на Алшар постојат седум ендемски видови растенија, кои се адаптирале на специфичната животна средина. Навистина специфична тема која ми дава мотив и за натамошни истражувања“, вели д-р Бачева.

„Според мене, иницијативите како што е доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, претставуваат поттик за што е можно поголем број млади луѓе да се заинтересираат за научно-истражувачка дејност. Радува фактот што преку доделувањето на признанието се вреднува и наградува сиот наш труд како млади научници“, изјави д-р Бачева.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години кои во досегашната научна работа имаат постигнати научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат.

24.12.2013 - 10:25
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега