Срушен рекордот на трансплантации на бубрег на Клиниката за урологија

На Клиниката за урологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ беа направени рекордни 35 трансплантации на бубрег од жив донор во текот на 2013 година. 

Првиот човек на Фондот за здравство Змејковска им честиташе на директорот на Клиниката Пенев и тимот на лекари предводени од д-р Сошо Дохчев, дополнувајќи дека ваквата бројка никогаш претходно не била достигната. 

Посакувајќи им уште поголеми достигнувања во сегментот трансплантација, таа посебно се заложи за трансплантација од починат донор, односно за системско спроведување на трансплантации од починат донор.

- Фондот во изминатите три години со Клиниката договори еден проект-условен буџет за да ја мотивира трансплантацијата за бубрези, дефинира европска цена за трансплантацијата и експлантацијата на органи и од година во година во соработка со Клиниката бележиме само заеднички успеси, а сепак тие се за најдоброто за нашите осигуреници и овозможување еден навистина квалитетен живот, рече Парнарџиева Змејковска.

Директорот на Клиниката за урологија, Пенев резимираше дека во текот на оваа година до денес направени биле вкупно 1.493 операции од кои 35 се трансплантации на бубрег од жив донор. Покрај тоа лекарите од Уролошката клиника кои ги има вкупно девет, направиле и преку 100 операции на уролошките одделенија во болниците во државата и тоа најголем број во Штип 40 операции и во Велес 33.

Доктор Дохчев за споредба посочи дека од постоењето на Клиниката за урологија 1977 година најголеми резултати во областа од трансплантацијата биле остварени во 2005 година со направени вкупно 20 трансплантации. Тој потенцира дека резултатот од 35 извршени операции посебно радува бидејќи овој вид операции кои се вршат од жив донор се многу покомплицирани од кадаверичната трансплантација.

- Од сите 35 трансплантации бројот на компликации се движи во светски рамки. За жал имаме еден смртен исход кога пациентот на кој е извршена успешна операција починал како резултат на срцева слабост. Имавме две отфрлања на бубрезите, кои моравме да ги отстраниме. Сите други пациенти се во добра кондиција и во добро здравје и ја напуштија Клиниката со идеални параметри кои се за нас релевантни, рече Дохчев.

Тој, исто така се заложи за продолжување на кадаверичната трансплантација која вели во Македонија успешно се извршуваше до деведесетите години, минатиот век. Во таа насока, подвлече дека покрај од ФЗОМ и Владата потребна е поддршка од невладиниот сектор за организирање на сеопфатна кампања со која ќе се зголеми познавањето кај граѓаните колку е важно дарувањето орган, посебно од мртов човек за да се спаси друг живот.

Во однос на листите за чекање, Дохчев појасни дека првично од Клиниката за нефрологија им била посочена листа од 80 пациенти, а која сега е сведена на само три пациенти.

Во таа насока директорката на Фондот апелираше до сите пациенти кои се на дијализа, а сакаат да направат трансплантација,  да направат испитувања на Клиниката за нефрологија во Одделот за трансплантација, како и потенцијалните донори на орган за да бидат ставени на листата која вели веќе не е листа на чекање, туку на месечно ниво се извршувааат трансплантациите. За кадаверична трансплантација пак, беше посочено, постои посебна листа со потенцијални приматели за која е извршена комплетна типизација.

Инаку последната операција за пресадување бубрег е извршена на 20 декември, примател е 40-одишен пациент од скопско, а донор била неговата сопруга. Пациентот е добар во добра општа состојба и за ден-два треба да ја напушти Клиниката.

Буџетот за Клиниката за урологија за следната година ќе биде зголемен и ќе изнесува 45 милиони денари од кои ќе може да се извршат  40 трансплантации на бубрег од жив донор и 20 од кадавер.

Лековите кои до крајот на животот ги примаат пациентите на кои им е извршена трансплатанција на бубрег тн. имуно супресивни лекови се целосно покриени од ФЗОМ.

24.12.2013 - 14:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега