Официјално: Струмица излегува од ЗЕЛС поради предизвиците со водата за пиење

 

Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит. Ова се наведува во соопштението на Општина Струмица испратено до медиумите.

Во него се додава дека општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознавале од медиумите.

„Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС. Според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред Претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа. Но, досега од појавувањето на проблемот со водата од 27.09.2024 година, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани. Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи. Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство – здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се НАЈАВАЖНИ и за нив компромиси нема да има. Јас како Градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав. Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани. Но, ние во Струмица сме познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење“, стои во образложението на Општина Струмица за тоа зошто го напушта ЗЕЛС.

Најавите се и дека Општина Карпош ќе ја следи постапката на Струмица за напуштање на ЗЕЛС, притоа го повикаа и Град Скопје да го стори истото.

 

24.10.2024 - 13:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега