Ивановски се надева дека со ЗНМ ќе имаат плодна расправа и во иднина

Веднаш по усвојување на законите за медиумите за кои денеска во Собранието треба да почне расправа, ќе бидат подготвени амандамни согласно договорот со Здружението на новинари на Македонија, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Амандманите ќе бидат доставени до Владата, а потоа и до Собранието.

- Се разбира дека понатаму сме расположени за сите  останати проблематики кои што можеби на некои страни сеуште не им се јасни, да се дообјасниме. Како и за секој друг закон стоиме на тоа дека за сите објективни препораки и сето она што е потребно не се срамиме да доставиме дополнителни  измени со цел да се подобри легислативата во Република Македонија, изјави Ивановски, одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето на конференцијата „Управување со квалитетот

Ивановски истакна оти се надева дека дискусијата со Здружението на новинари ќе продолжи да функционира на високо ниво, без оглед, како што рече, дали тоа ќе биде  формално или неформално, со цел да се постигне квалитетна легислатива којашто ќе придонесе  за развојот на медиумскиот сектор во Македонија.

Ивановски и претседателот на ЗНМ Насер Селмани во саботата заеднички објавија дека постигнале договор законите за медиуми и за аудио-визуелни медиумски услуги кои се во собраниска процедура да се донесат веднаш, а за забелешките за кои се усогласени Владата амандмански да интервенира во што е можно пократок период.

Бил постигнат договор за дел од забелешките кои се прифатливи од двете страни. - Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права, рече Ивановски.

Посочи дека се согласни за застапеноста на новинарите во Советот на идната Агенција за медиуми и се договориле да се направи поширока работна група каде ќе се разговара во наредните шест месеци за функционирање на јавниот радио-дифузен сервис односно МРТВ каде ќе може да се дадат предлози за негово подобрување и транспарентност и содржините кои ги нуди.

25.12.2013 - 11:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега