Мариа Елени Копа: 2014-та да не биде изгубена година за Македонија

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа не верува дека повторното недобивање на датум за преговори за членство ќе предизвика „свртување на Македонија од Европската Унија“, зашто земјата е тесно поврзана со Унијата, пренесува Дојче Веле.

Копа, која во Европскиот парламент беше известувач за стратегијата за проширување на Европската Унија, фактот дека на декемврискиот самит ЕУ не ѝ беше доделен датум за почеток на преговорите на Македонија го објаснува со предизборниот период во кој се наоѓаат европските институции.

- Се наоѓаме на крајот од мандатот, затоа има помалку инсистирање на изнаоѓање на креативни решенија за прашањето со името - вели Копа во интервју за Дојче Веле.

Притоа европратеничката, за која се појавија шпекулации дека била вклучена во тајните дипломатски преговори меѓу Македонија и Грција во времето кога Јоргос Папандреу беше премиер на грчката влада, се надева дека овај период во кој северниот сосед на нејзината земја нема да преговара, нема да биде „мртов период“.

- Се надевам дека 2014 година нема да биде мртов период и дека сепак ќе биде направен чекор напред - вели таа.

И покрај тоа што Македонија согласно сите предвидувања и покрај петтата препорака од ЕУ , не доби датум за преговори, Мариа Елена Копа не верува дека тоа ќе предизвика „свртување на оваа земја од Европската Унија“ и оти земјата може да се определи кон други партнери.

- Не верувам во тоа. Не верувам бидејќи оваа земја е многу поврзана со Европската Унија. Таа одржува тесна соработка со неа. Се разбира има прашања кои треба да бидат решени, кои ни се познати на сите, но нејзината ситуација не може да се споредува со тоа што се случува на друго место, како Украина која е расцепена меѓу Русија и Запад, што не е случај со нашиот сосед - вели Копа.

За грчката непопустливост, пратеничката од редовите на ПАСОК, вели дека се должи на решеноста да не се дозволи да се внесат проблеми во ЕУ.

- Тоа е поради прашањето за името. За нас не е можно да отвориме преговори и со тоа да внесеме проблеми во Европската Унија. Ние сакаме јасна позиција и само потоа сме подготвени да дискутираме - вели Копа.

Инаку многумина од нејзините колеги во Европскиот парламент се надеваат дека Грција како земја претседавач со ЕУ во првата половина на 2014 година, ќе направи еден гест кон Македонија, со што ќе ги потврди амбициозните ветувања за земјите од Балканот донесени во Солун пред десет години и на кои Македонија засега сѐ уште стрпливо чека, пишува Дојче Веле.

25.12.2013 - 11:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега