„Излези за чист воздух“ - Во вторник протестен марш пред Владата за чист воздух
Во вторник, 10 декември, во 16 часот, ќе биде одржан протест поради загадениот воздух.
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, која го најави протестот, соопшти дека ќе почне од Министерство за животна средина, па преку Собранието ќе заврши пред Владата.
„Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат приближно 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2,5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17,7 % од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух! Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побргу се почне со спроведување мерки, кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот, толку побргу ќе го решиме овој долгогодишен проблем“, велат од граѓанската иницијатива.
Од надлежните институции, Владата и општините бараат да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа