Продолжуваат претресите во Арачиново - пронајден цел арсенал оружје

 

Продолжуваат претресите во скопското село Арачиново, откако пред два дена почна акцијата против нарко-кланот Барон/Беланоца, случај во кој осомничени се 18 луѓе.

Цел арсен оружје е пронајден во претресите кои се извршени доцна синоќа. Од МВР засега не потврдуваат дали овие претреси се за истиот случај против нарко-кланот Барон/Беланоца, но велат дека станува збор за криминални банди кои биле меѓусебно поврзани. 

-Вчера околу 01.30 часот од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на локален пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново, биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети. 

Пронајденото е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат во соопштението од МВР.

Пред два дена Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со МВР почнаа голема акција против нарко-кланот. Извршени се 30-тина претреси на повеќе локации во главниот град. Пронајдена е поголема сума на пари и оружје. Дел од лицата се сомничат и за убиства за кои било наплаѓано меѓу 10.000 и 250.000 евра. Дел од нив се сомничат и за рекет врз бизниси, главно во Скопје. Според информации на Press24, наплаќале помеѓу 1.000 и 3.000 евра за „обезбедување заштита“ на објектите.

18.12.2024 - 12:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега