ФОТО: Владата ќе ги финансира сите дечиња од СОС Детско село

Македонската Влада ќе овозможи парична поддршка за сите 12 згрижувачки семејства во СОС Детското село. Месечно ќе се издвојуваат по околу 8.000 денари за секое од 66 дечиња или вкупно, за поддршка на СОС Детското село за 2014 година ќе се одвојат над 6 милиони денари.

Премиерот Никола Груевски  и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска по повод новогодишните празници го посетија СОС Детското село, каде беше потпишан анекс на Меморандум за соработка. Анексот ги регулира взаемните односи за поддршка на заедничките активнсти кои се превземаат во насока на подобрување на положбата на децата, градење на подобра иднина и обезбедување на нивна благосостојба.

Од СОС Детското село на премиерот Груевски му беше доделена и благодарница за поддршката.

Груевски и Спасов ги израдуваа дечињата со новогодишни пакетчиња и пакети со храна, а на барање на Детското село им беше доставен и електричен шпорет.

- Како Министерство за труд и социјална политика ја продолжуваме соработката со СОС Детското село, односно директната финансиска поддршка на СОС семејствата. Во изминатата година финансиски беа поддржувани три СОС семејства, а од јануари 2014 година со договорот кој го потпишавме денеска со директорката на СОС Детското село се предвидува целосно финансиски да ги поддржиме сите 12 СОС семејства, рече денеска министерот Спасов.

 

28.12.2013 - 15:37
Фото: 
Курир

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа