Адеми: Не можеме ништо - само ветер може да ни помогне со загадувањето

В

о вакви метеоролошки услови, ние и да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени во следните 10 дена, доколку немаме промена на метеоролошките услови. Сè има влијание, меѓутоа најголемо влијание имаат метеоролошките услови.

Ова го вели министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

-Прво треба мерките на владата да ги сфатиме како мерки за заштита пред сè од квалитетот на воздухот и мерки за предупредување и за информирање на населението, се со цел тие да бидат добро информирани за штетните влијанија на воздухот врз нивното здравје. Сметаме како влада дека најбитни се превентивните мерки, се со цел оваа ситуација да не се повторува. Тие мерки можат да се преземат со добра координација од сите надлежни институции од централната и од локалната власт и со поддршка од невладиниот сектор, но и од граѓаните. Затоа што, индустријата, сообраќајот, градежништвото, грејната сезона во домаќинствата, сите имаат влијание врз квалитетот на воздухот. И токму затоа владата апелираше до граѓаните да користат квалитетни материјали за греење, исто така ги информираше и за штетните влијанија. Сметаме дека помалку ќе не чини доколку имаме превентивни мерки, отколку да имаме последици. И токму затоа, на тоа што на некој начин е во наши раце можеме да  влијаеме, меѓутоа тоа што не е во наши раце, како метеоролошките и климатските услови, тие не можеме да ги менуваме вели Адеми.

 

На тема обвинувањата од опозицијата дека за загадувањето е одговорна индустријата, министерот вели дека постојат многу фактори и дека не може лесно да се дојде до “виновникот“.

-Поголемите капацитети кои подлежат на А интегрирани дозволи во Скопје не работат во моментов. Работат само оние кои имаат еколошки стандарди и исто така и тие работат со помал капацитет, така што не можеме да извлечеме констатации врз основа на податоците од мерните единици кои некогаш имаат некој пик. Тоа може да се случи од различни фактори, на пример ако е недела  навечер, може да биде од домаќинствата, може да биде и од сообраќај, затоа што во тој момент може да се враќаат повеќе граѓани, кои биле надвор од градот за викенд. Значи има повеќе фактори и не може да констатираме дека тоа е од индустријата или е од домаќинствата или е од сообраќајот, затоа треба подолга анализа за да дадеме поточни констатации. Меѓутоа, тоа што го кажав, дека сите имаат влијание можат да бидат фактор за такви пикови кои ни се појавуваат во различни периоди во денот, вели Адеми.

Министерот објасни дека загадувањето не е е резултат на градежните активности кои се дел од проектот „Скопје 2014. Според него, што и да се забрани во моментов, нема да дојде до промени доколку временските услови останат исти.

-Мора прво да имаме предвид дека ова не се случува поради градежните активности. Ова прво се случува поради грејната сезона и поради метеоролошките услови. Ваква ситуација имаат и земјите во регионот, значи не е само во Македонија. Во вакви метеоролошки услови, ние и да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени во следните 10 дена, доколку немаме промена на метеоролошките услови. Се има влијание, меѓутоа најголемо влијание имаат метеоролошките услови.

На прашањето колку сештетни честичките кои ги дишат граѓанигте на Македонија, Адеми вели:

-Светската здравствена организација ги прогласи за штетни, ги прогласи како канцерогени и токму затоа се повеќе стануваат строги дозволените количини на ваквите ПМ честички. Ако пред неколку години тоа беше 150 милиграми на метар кубен, сега се 50. Во ЕУ се размислува веќе тоа да се намали и на 25. Ние како држава мора да бидеме подготвени да преземеме мерки, затоа што после неколку години квалитетот на воздухот за кој сега се смета дека е лош, ќе биде уште полош доколку не преземеме мерки и не се поправи сликата.

 

29.12.2013 - 11:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа