Јанкулоска: Новата Година помина во мирна и празнична атмосфера

 

Новата Година помина во мирна и празнична атмосфера без посериозни и поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, констатира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска oткако денеска се сретна со претставници од СВР - Скопје, централните полициски служби и раководството на  полициската станица - Центар.

Низ Македонија се евидентирани 20 - тина нарушувања на јавниот ред и мир, што е бројка, нагласи министерката, далеку пониска од вообичаената во редовните термини. ВО текот на ноќта, имало и повеќе обиди за кражби, но сторителите биле фатени на лице место. Се случиле и, како што рече Јанкулоска, поситни дела кои не се карактеристични само за денови кога се прославува, туку се дела кои полицијата вообичаено ги регистрира во своето редовно работење.

- На територијата на Скопје се регистрирани четири нарушувања на јавниот ред и мир и неколку сообраќајни несреќи, кои за среќа се без сериозни последици. Тоа значи дека добрата распореденост на полициските службеници и превентивните активности кои ги презедовме, но и совесното однесување на граѓаните, ги даде своите ефекти, изјави Јанкулоска.

Како посериозен, министерката го оцени инцидентот во Кисела Вода каде што беше нападнато возило на Брзата помош, пришто едно лице се здобило со тешки телесни повреди.

- Веќе имаме почетни информации и очекуваме многу брзо овој инцидент целосно да биде расчистен, рече Јанкулоска. 

01.01.2014 - 13:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега