Обдукцијата откри сериозни здравствени проблеми на Џин Хекман кои биле причина за смртта
Конечните резултати од обдукцијата на легендарниот добитник на Оскар, Џин Хекман, открија сериозни здравствени проблеми што ги имал актерот пред неговата смрт, два месеци откако тој и неговата сопруга Бетси Аракава беа пронајдени мртви во нивниот дом во Ново Мексико.
Како што објавува „Фокс њуз“, повикувајќи се на извештај од Канцеларијата на медицинскиот испитувач, Хекман (95) со години страдал од конгестивна срцева слабост и имал изразени хронични хипертензивни промени во бубрезите. Во 2019 година, му беше вграден бивентрикуларен пејсмејкер, а обдукцијата дополнително покажа присуство на невродегенеративни промени поврзани со Алцхајмеровата болест.
„Беа откриени сериозни атеросклеротични и хипертензивни промени во кардиоваскуларниот систем, беа поставени стентови во коронарните артерии, беше направен бајпас, а аортната валвула претходно беше заменета“, се наведува во извештајот. Исто така, биле пронајдени траги од стари срцеви удари, додека анализата на мозокот открила микроскопски знаци на напредна Алцхајмерова болест.
Иако некои се сомневаа, обдукцијата покажа дека Хекман не бил заразен со хантавирус – ретка, но опасна инфекција што ја пренесуваат глодари, а која предизвикала смрт на неговата сопруга.
Полицијата потврди дека Бетси Аракава починала околу 12 февруари од респираторни компликации предизвикани од хантавирус, на 65-годишна возраст. Според извештајот добиен од „Дејли меил“, пребарувањето на нејзиниот компјутер открило пребарувања на интернет за симптоми слични на грип и Ковид-19.
Вештакот, исто така, изјави дека тестовите не покажале труење со јаглерод моноксид, а во крвта на Хекман биле откриени траги од ацетон, што веројатно е резултат на дијабетична кетоацидоза или гладување.
Се претпоставува дека Хекман, поради прогресијата на Алцхајмеровата болест, талкал низ куќата неколку дена по смртта на неговата сопруга, несвесен што се случило. Тој почина речиси една недела подоцна, околу 18 февруари, од последиците на тешка срцева болест, дополнително влошена од Алцхајмерова болест и заболување на бубрезите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа