Маја Блажеска била во манастирот „Св. Илија“ пред две недели?
Очевидец тврди дека пред две недели ја видел 14 годишната Маја Блажеска во манастирот „Св.Илија“, кој е на седум километри од селото Велмеј, пренесува Дневник.
Според домарот, чиј идентитет Дневник не го открива, малолетничката од Лешани која неодамна беше пронајдена мртва, била жива пред две недели и го посетила манастирот „Св. Илија“ заедно со уште две момчиња.
- Ја видов Маја на 22 декември во манастирот. Беше попладне. На капијата на манастирот од охридската страна имаше паркиран руски џип со церада, а во него седеше возачот облечен во маскирна ловечка униформа. По неколку минути откако го забележав првиот џип дојде уште еден, овој пат џип „нисан“ со кафеникава боја од кој излегоа две момчиња и девојката која подоцна се сетив дека е Маја. Момчињата беа на возраст од 20 до 30 години, а девојката имаше црни фармерки и косата и беше во опавче, изјавил еден од домарите на манастирот за Дневник.
Тој раскажува дека девојката во придружба со двајцата млади излегла од возилото и заедно влегле во манастирот. Во меѓувреме зборувал со човекот во другиот џип.
- Зборевме за лов оти мислев дека е ловџија. Немаше акцент од овие краишта и зборуваше чудно. По околу 20 минути девојката и момчињата излегоа од манастирот и без да изустат ниту збор влегоа во џипот и заминаа. По нив веднаш отиде и човекот со другиот џип. Сето ова ми беше чудно. На почетокот не се сетив дека е тоа Маја, но кога ја видов нејзината фотографија на телевизија, знаев дека е таа девојката која ја видов дента, раскажува домарот.
Домарот им ја раскажал оваа случка на родителите на Маја, кои ги чекаат резултатите од обдукцијата кои треба да утврдат дали девојчето било починато пред или по 22 декември. Домарот извадил и тефтер во кој се запишуваат посетителите на манастирот. Тројцата посетители, вклучувајќи ја и девојката, дента на 22 декември не се потпишале во тефтерот.
Инаку, Маја кон крајот на 2013 година исчезнала од дома два пати откако наводно запознала момче на „Фејсбук“. Првиот пат била вратена дома, по што нејзиното расположение било видно влошено, за кон крајот на ноември повторно да исчезне. Таа беше пронајдена мртва на почетокот на јануари. Се уште не е познато кога починала, дали била сама и како се нашла на планината каде беше најдено нејзиното тело.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа