За колку пари Самсоненко го купи Вардар?

Конечно се знае кој ќе биде на чело на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар. Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, сопственик на машкиот и на женскиот ракометен клуб Вардар, од вчера раководи и со фудбалската екипа од ова спортско семејство и повеќекратен шампион на Македонија, пишува Вечер.

Она што е интересно е дека за да го добие ФК Вардар, Самсоненко плати само 81.000 евра, колку што чинеа акциите дадени на јавниот повик распишан од Град Скопје, кој имаше 51% и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, кое располагаше со 49% од акциите.

Според клаузулата, новиот сопственик ќе мора да вложува најмалку по еден милион евра годишно во клубот.

Русинот го купи актуелниот фудбалски шампион преку ракометниот клуб, па така, формално, сопственик на ФК Вардар е РК Вардар.

Во јавноста веќе се шпекулира за неколку квалитени ангажмани во таборот на црвено -црните, како во играчкиот, така и во тренерскиот кадар.

Во оптек се неколку имиња за нови играчи, додека како нов тренер се споменува Ѓоко Хаџиевски, кој на клупата на Вардар може да седне уште до крајот на неделава.
Во очекување да го дознаат името на новиот сопственик, вардарци продолжуваат со подготовките од втората фаза на зимската пазуа. Меѓутоа, планираното заминување за Дојран, каде што требаше да бидат уште вчера, е одложено. Тренинзите и понатаму ќе се одработуваат во Скопје до дефинитивната одлука каде ќе продолжи да се подготвува тимот.

20.01.2014 - 23:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега