Самсоненко: ФК Вардар секоја година ќе биде во ЛШ - сакам полни трибини на Филип Втори
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, директорот на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Цветко Грозданов, како и идниот сопственик на ФК Вардар, Сергеј Самсоненко денеска одржаа прес-конференција за постапката за продажбата на Друштво за спортски дејности "Фудбалски клуб Вардар" АД Скопје.
Градоначалникот Трајановски информираше за постапката за продажба, каде на јавен и транспарентен начин на јавен повик на 16.01.2014 година, како единствен понудувач е пријавен АД “Ракометен клуб ВАРДАР” Скопје. Со понудата АД “Ракометен клуб ВАРДАР” Скопје ќе исплати 50.000 денари за акција, како и обврска за инвестирање од најмалку 1,5 милиони евра годишно во наредните 10 години. Исто така, за било каква дополнителна продажба на ФК Вардар, претходно ќе биде неопходна дозвола од Советот на Град Скопје.
- Сметаме дека Градот Скопје и АДССДП успешно ја завршија својата работа и ја исполнија првичната цел која ја поставивме во 2011 година, а тоа е стабилизирање на ФК Вардар и враќање на старите победнички патеки. Од 2011 година до сега Град Скопје во ФК Вардар инвестираше 75 милиони денари што резултираше со стабилизирање на клубот и станување на шампион на Првата македонска фудбалска лига две години по ред. Сметаме дека сега е моментот да се отстапи место за нов сопственик кој ќе инвестира во клубот и ќе овозможи излез на ФК Вардар на меѓународната сцена. Договорот за продажба е во завршна фаза и се надевам дека истиот ќе биде потпишан нареднава недела, рече градоначалникот Трајановски.
Сопственикот на РК ВАРДАР и иден сопственик на Друштво за спортски дејности "Фудбалски клуб Вардар" АД Скопје, Сергеј Самсоненко искажа благодарност до досегашните раководители на ФК Вардар, кои изминативе три години работеле со голема љубов, со цел Вардар да се врати на вистинскиот пат. Тој најави дека ќе продолжат да работат чесно и напорно за доброто на Вардар, кој е дел од историјата и најголем спортски бренд на Македонија.
Самсоненко дополни дека во наредниот период ќе се работи на засилување на тимот, како и изградба на камп со терени и простории за тимот каде играчите би имале услови за тренирање и подготовки
„Мора да искажам најпрво благодарност до досегашните раководители на ФК Вардар, за кои откако почнав да преговарам за купување на клубот сфатив дека овие три години со огромна љубов го воделе Вардар, без никаква желба за профит но само со намери да се извади клубот на вистинскиот пат. Мојата цел е, пак, не еден настап на Вардар во групите на Лигата на шампионите, но континуирани учества во истата. Гарантирам дека ќе работам чесно и посветено, па заедно ќе се радуваме на идните успеси“ - рече Самсоненко и додаде дека во идинина очекува да гледа полни трибини на Филип Втори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа