ФОТО: Овие шверцери ги изненадија македонските цариници

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија царински измами и спречија повеќе обиди за криумчарење стока. Привремено се задржани птици-канаринци, муниција, пиротехнички средства, храна, автоделови и галантерија за мобилни телефони.

Задржана е следната стока:

Муниција и пиротехнички средства

- 21 парче боева муниција - куршуми и 1 патрон ловечка муниција, откриени при контрола на патничко возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за влез во државата. Муницијата била сокриена во фиоката под совозачкото седиште и  во пепељарата на возилото, како и во личниот багаж на возачот. 
- 85 пиротехнички средства – ракети, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока била сокриена во горниот дел на кабината на товарното возило.

Храна
- 68 килограми разладено свинско месо и 40 килограми храна за кучиња, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Стоката била сокриена во просторот за палети и  во фиоката за ладење на храна во кабината на возилото. 
- 87 тегли мед, откриени при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата. Теглите со мед се пронајдени во просторот за резервна гума во багажникот на возилото, како и пред совозачкото седиште.

Друго
- 216 парчиња разна галантерија за мобилни телефони ( слушалки, УСБ кабли, фолии, капаци-обвивки, силиконски и пластични футроли), откриени при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во просторот под возачкото и совозачкото седиште, во внатрешноста на возилото. 
- 6 птици-канаринци, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Копер-Струга, пријавен за влез во државата. Непријавените птици сместени во кафез – транспортер, пронајдени се под седиштето на македонски државјанин, патник во автобусот, сопственик на канаринците
- 1 турбина за товарно возило, откриени при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Царинските службеници турбината ја  пронајдоа во просторот под совозачкото седиште, во внатрешноста на возилото. 

- 20 парчиња електронски цигари, 10 полначи за електронски цигари, 49 парчиња ароматизери за електронски цигари и 9 футроли за електронски цигари, откриени при контрола на товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин, пријавен за влез во Република Македонија.

Во сите случаи непријавената стока е привремено задржана а против сторителот   започната е соодветна постапка.

Стока која повредува права од интелектуална сопственост

- 43 парчиња ремени и 20 пара обетки со лого на заштитени трговски марки, откриени при преглед на товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин, на влез во Република Македонија. Стоката со потекло од Кина била наменета за домашен пазарот,  и привремено е задржана  поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост. Доколку стоката би се продавала како оригинал, би имала пазарна вредност од 117.500 денари.

Два спречени обиди за злоупотреба на дозвола за превоз на патници

- На  22 јануари 2014 година  околу 7 часот наутро за влез во Република Македонија се пријави автобус со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин. Автобусот на граничниот преми се пријавил празен, исто така и во дозволата за транспорт која ја приложил шоферот стоело „се враќа празен“. Царинските службеници забележале дека само неколку минути пред автобусот да се пријави за влез, од меѓупросторот на територијата помеѓу Република Македонија и Република Србија поголем број на патници пешки се упатуваат кон македонската граница. По обавен разговор со некои од патниците откриена е намерата на превозникот - автобусот да ја помине границата празен,  патниците да поминат пешки, на тој начин превозникот да помине без соодветна дозвола за транспорт на патници пред царинските службеници и пред припадниците на МВР , но потоа неколку стотици метри после граничниот премин да ги земе истите патници
- На 26 јануари 2014 година околу 07:30 часот, за излез од државата се пријави товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, сопственост на македонска превозна компанија, управувано од македонски државјанин. Според патната дозвола што ја приложил шоферот возилото требало да излезе од државата празно, да превземе  патници од едно место и да се врати во земјата  полн. Бидејки е констатирано дека на излез комбето има 7 патници, не е дозволено да ја напушти територијата на Република Македонија.

И во двата  случаи царинските службеници констатирале дека се прекршува Упатството за превоз во патниот сообраќај и случаите се предадени на соодветните органи при Минстерство за транспорт и врски за понатамошно постапување по прекршоците.

Царинска измама

Царинските службеници во текот на изминатата седмица открија обид за погрешно  прикажување на количината на обојувачот во екстра лесно гориво.
Фирма од Струмица со увозна царинска декларација се обидела да увезе 12654 кг екстра лесно гориво со помали параметри на обојувачот Solvent Yellow 124 (мг/лит). Во пријавеното гориво биле измерени 5 мг/лит, што е помалку од законски определениот параметар кој треба да биде од 6 до 9 мг/лит во литар гориво, согласно Правилникот за споведување на законот за акцизи.

Во пракса доколку се измеша екстра лесно гориво со низок параметар на обојувач со дизел гориво во размер од 2:1, би се изгубила бојата на течноста и би можело да се користи како дизел гориво.

28.01.2014 - 10:16
Фото: 
Kurir.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега