Дневник: Субрата Рој преку оглас во Индија најави 2,7 милијарди евра инвестиции во Македонија

 

„Сахара Индија Паривар“, групацијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, во бизнисот во Македонија во следните пет години ќе инвестира вкупно 2,7 милијарди евра. Најголемиот дел од парите, односно 1,6 милијарда евра, ќе ги вложи во млечниот бизнис, а останатите во хотелски комплекс. Овие суми се наведени во јавниот оглас што индиската групација „Сахара груп“ деновиве го објавила во тамошните дневни весници, пренесува Дневник. 

Интернет-изданието на англиски јазик на индискиот весник „Хинду“ пишува дека „Сахара груп“ објавила оглас на три страници во дневниот печат во кој бара апликанти за високи позиции во нејзините бизниси во Индија и во странство. Во огласот групацијата најавува дека во текот на 2014 година ќе треба да се пополнат 56.000 работни места во Индија и во неколку странски земји каде што има сопствен бизнис, за што ќе вложи речиси 3,8 милијарди евра. Огласот, според „Хинду“, се однесува на работни места во бизнисот со млеко и со добиток, луксузни недвижности, фабрика за храна, одржување на домаќинството, образование и крстосувања. 

 

Освен детали за работните места, „Сахара груп“ во огласот ги објавила и плановите за инвестиции во четири главни сектори, меѓу кои се споменува и интернационалниот бизнис во Македонија. Според најавите, во земјава групацијата на Субрата Рој ќе вложи 1,6 милијарда евра во проект од млечната индустрија и 1,1 милијарда во хотелски бизнис. На интернет страницата на „Сахара Индија Паривар“ се споменуваат и инвестиции во банкарскиот сектор во Македонија, но не се дадени никакви детали, пишува Дневник.

Другите водечки сектори во кои годинава најмногу ќе инвестира групацијата се продажба на луксузни стоки, ресторани за брза храна и објекти за здравствена заштита. 

-Јавната објава на „Сахара груп“ медиумите во Индија ја толкуваат како изненадувачка бидејќи доаѓа во период кога компанијата на Субрата Рој води правна битка со индискиот државен регулатор за финансиска стабилност СЕБИ. Спорот се води пред тамошниот Врховен суд, за наплата на околу 2,4 милијарди евра на инвеститори со кои групацијата соработувала. Поради овој спор, индискиот суд ги замрзна сметките на „Сахара груп“, а на Субрата Рој му забрани да ја напушти земјата додека случајот не добие правна разврска. Сослушувањето за овој случај е закажано за 11 февруари.

Целата анализа прочитајте ја во Дневник

03.02.2014 - 22:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега