Повисоки гаранции од 60.000 евра за ТИР транспортите

 

Царинската управа и Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, денеска потпишаа  Анекс со кој македонските камионџии добиваат повисоки гаранции во износ од 60.000 евра, наместо досегашните 50.000 долари, за вршење  ТИР транспорти  од Македонија во меѓународниот патен сообраќај.

- За економските оператори и превозници тоа значи дополнителна можност бидејќи ќе можат под покритие на ТИР да превезуваат стока со повисока вредност од досегашната, односно, стока за која пресметаните давачки се во висина до 60.000 евра, оцени на денешната прес конференција Наташа Радеска Крстевска, новиот директор на Царинската управа  на потпишувањето на анексот.

Сино-белите таблички што ги  гледаме на илјадници камиони се синоним за нивно брзо и ефикасно поминување  низ границите. Потврда за тоа е што од 2008 година до денес Царинската управа  нема утврдено неправилности  во некои постапки што се спроведувани со ТИР карнет заради наплата на давачки, наведе Радеска - Крстевска.

Една од активностите која го овозможи  Анексот, укажа, е и воведувањето на електронската ТИР пред-декларација од ноември лани, која е бесплатна за македонските камионџии. 

- Со нејзината примена се скратува многу времето на  престој на транспортните возила  што пренесуваат стока во самите терминали и се намалуваат трошоците.  Затоа ги повикувам превозниците да ја користат оваа можност и редовно до Царинската управа да испраќаат електронски пред-деклараци, наведе директорката на Царината.

Управителот на „Македонија сообраќај“ Златко Кочовски ја оцени досегашната соработкак како одлична.

- Сакам да ја нагласам одличната соработка со Царинската управа, како во поглед на ТИР  системот, така и во поглед на Советодавното тело, коешто ја обединува бизнис заедницата. Заклучок на бизнис заедницата  и на Советодавното тело заедно со Царинската управа уште пред неколку години е дека  се исполнети голем дел од зацртаните работи. Сакаме да соработуваме и во имплементација на новиот НЦТС транзитен систем, кога ќе биде  пуштен, рече Кочоски.

13.02.2014 - 14:13
Фото: 
Ерепортер

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега