Средба Ахмети-Ховит: Посетата на Венизелос е голема шанса за напредок

Специјалниот известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит, денеска е во официјална посета на Македонија. Ховит оствари средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети на која главна тема бил македонско-грчкиот спор за името.

Известувачот за Македонија нагласи дека се труди да даде свој придонес во врска со претстојната и исклучително важна посета на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос 

- Одржав долга и продуктивна средба со Венизелос во Стразбур. Мојот апел до политичарите тука и до целото општество е да се искористи времето пред неговата посета, за време на посетата и по посетата за да се содаде таква атмосфера од која ќе произлезе и успешна посета, изјави Ховит.

Тој изрази задоволство што може директно да им пренесе на граѓаните тука дека Европскиот парламент прифатил, како што рече, да препорача статус на функционална пазарна економија за земјата.

- Исто така тоа е и добар знак за европската иднина на земјата и се надевам дека ќе претставува и конкретен чекор напред во процесот на интеграција во ЕУ. Со властите во земјава разгледуваме што треба да се направи за да се добие таа позитивна одлука од Европската комисија, рече Ховит.

Ховит го поздрави дијалогот и истакна дека е важен не само во поглед на придонесот кон медиумските закони, туку исто така и да се продолжи и да се работи заедно за да се овозможи да постојат слободни медиуми во земјата. Новинарите и сопствениците на медиуми имаат одговорност да ја штитат независноста на нивната професија, да известуваат објективно во согласност со високите новинарски стандарди без партиска наклонетост и да придонесуваат лично имплементирајќи ги новинарските стандарди за да се подобри рејтингот на земјата во врска со слобода на медиумите.

Известувачот за Македонија во ЕП Ховит изрази надеж дека ќе има ТВ дебата меѓу кандидатите за претседател, бидејќи, подвлече, со тоа ќе се покаже дека постои вистинска политичка дебата, дека има избор и оти различните гледишта и мислења се слушаат и почитуваат, што ќе придонесе за крајниот избор на гласачите.

13.02.2014 - 14:18
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега