Ако нема консензус за избор на претседател ДУИ ќе бара предвремени избори

 

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи денеска на прес-конференција соопшти дека доколку ВМРО-ДПМНЕ на претстојната конвенција го потврди својот став со кој не го прифаќа нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, партијата ќе побара одржување на предвремени избори.

- Доколку ВМРО-ДПМНЕ ја официјализира оваа одлука на својата конвенција тоа значи дека концептот на консензуална политика тие не го прифаќаат. Ние ќе постапиме како што единствено знаеме - принципиелно и конструктивно. ДУИ на претседателските избори нема да истакне кандидат, туку ќе се бори за понудениот концепт, а Албанците ќе ги повика да не поддржат ниту еден кандидат затоа што ниту еден од нив нема да претставува нивната волја, рече Османи.

Барањето го појасни со ставот дека е потребно процесот на политичка интеграција во земјата да продолжи со зголемено учество на Албанците во политичкото одлучување и претставување на државата.  

Тој додаде дека ДУИ нема да остане на тоа, туку ќе побара и оформување нова политичка платформа за соработката меѓу македонскиот и албанскиот блок во која ќе има повеќе механизми на консензуалност со што би се избегнале вели, еднострани политички одлуки. Во тој контекст го подвлече и значењето на претседателот на државата во меѓународната политика и евроатлантските интеграции, со што вели, може да биде катализатор за решавање на спорот за името.

- Исполнувањето на таа платформа е единствено можно преку реафирмација и засилување на изборниот легитимитет и затоа доколку не се прифати концептот на консензуален претседателски кандидат ние ќе побараме предвремени парламентарни избори, рече Османи.

Ваквиот став утре на вонредна седница да го усвои претседателството на ДУИ, подвлече портпаролот на ДУИ. 

26.02.2014 - 16:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега