СДСМ: Ќе ја вратиме академската слобода

 

“Законот за високото образование донесен 2008 год. не ја загрозува универзитетската автономија“, вака конечно оценија деновиве уставните судии, наспроти поднесувањето на повеќе иницијативи на професорите и сенаторите на Универзитетот Св.Кирил и Методиј за оспорување на 19 одредби од Законот за високо образование, два правилника и една уредба на Владата, рече денеска Солза Грчева, претседател на Советот за образование и наука на СДСМ.

Со ваквото решение на Уставниот суд, рече таа, се легитимира еден скандалозен закон. Таа оцени, дека со оваа одлука се легитимира нелегалниот упад и грубото кршење на автономијата на универзитетите и, како што рече, академската слобода од страна на власта. 

 

- Во најмала рака Законот за високо образование е контроверзен и спротивен на меѓународните стандарди. СДСМ веднаш по преземањето на власта, ќе ја врати автономијата на универзитетите во уставно загарантираните рамки, истакна Грчева. Ќе ги децентрализираме во поголема мера факултетите и институтите со зголемување на нивните надлежности, не нарушувајќи го моделот за интегриран универзитет. Ќе го ревидираме Законот за високо образование во насока на обезбедување квалитетни студии, но и враќање на дигнитетот на професорската професија. СДСМ ќе ги укине драконските казнени одредби од Законот за високо образование, а ќе се врати функцијата Претседател на Сенат, рече Грчева.

СДСМ, рече Грчева, ќе го промени начинот на финансирање кој ќе се темели на таканаречен целокупен „образовен сервис“, а не само, како што рече, на бројот на запишани студенти. 

-Државата нема да управува со средствата кои ги остваруваат универзитетите од други извори, вон буџетот, редовните квоти за студирање ќе се договараат транспарентно со универзитетите, а квотите со кофинансирање ќе ги одредуваат самите универзитети во согласност со расположливите услови и пропишаните стандарди. Ќе создадеме од државата подржани фондови за наука и за издаваштво при универзитетите, со кои тие самите ќе располагаат. Министерството за образование и наука нема повеќе да функционира како издавачка куќа. За најдобрите 1-2 студенти во генерацијата на факултетите, а на предлог на универзитетите. Министерството за образование ќе одобрува средства за асистентски места. Факултетите останаа без асистенти, што е игнорирано од оваа Влада. Ќе се намали бројот на задолжителни предмети за држење настава на наставниот кадар по семестар. Со тоа ќе се зголеми квалитетот на наставата и бројот на контакт часовите со студентите. Платите на наставниот кадар ќе се покачат и ќе се покачуваат во континуитет, а за професорите со посебен научен придонес, ќе овозможиме ангажман и после нивното пензионирање - рече Грчева на денешната прес-конференција.

07.03.2014 - 15:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега