Металург со пораз ги заврши настапите во СЕХА лигата
Македонскиот вицепрвак Металург со пораз од Татран Прешов 27:20 го заврши својот настап во годинашното издание на регионалната ракометна СЕХА лига.
На заостанатиот натпревар од 17.коло одиграна попладнево во Словачка, со подмладен состав во кој недостасуваа дури седуммина стандардни ракометари Металург беше рамноправен противник се до 33 минута кога резултатот беше израмнет 13:13.
До крајот на средбата домашниот тим постигна 14, а прими само 7 голови и на крајот заслужено се радуваше на победата од 27:20, со која Татран ја презеде првата позиција на табелата од Загреб КО.
Токму хрватскиот тим ќе биде следен противник на македонскиот шампион Вардар во натпревар од последното коло на регуларниот дел од сезоната закажано за претстојниот викенд.
По него ќе бидат познати и полуфиналните двојки за „Фајна фор’’ турнирот закажан за 11 и 13 април во Нови Сад, а на кој пласман обезбедија првопласираните четири екипи на табелата.
Табела: Татран Прешов 42 бодови (17 натпревари), Загреб КО 40 (17), Мешков Брест 34 (17), Вардар 34 (17)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа