Новата грчка партија „Реката“ доби невиден подем на популарноста

Новата партија на грчката политичка сцена „То потами“ (Реката), формирана неодамна од познатиот новинар на приватната телевизија „Мега“, Ставрос Теодоракис, забележа неверојатен успех во најновите социолошки истражувања на јавното мнение во земјата.

Партијата „Реката“ има поддршка меѓу пет и седум проценти, покажа последното социолошко истражување, десет дена по прогласувањето на декларацијата за формирање на партијата и два месеца пред европските избори.

Педесетгодишниот новинар, кој ја напушти својата емисија на телевизијата за да се впушти во политика, забележува дека партиите од владеjачката коалиција - конзервативната Нова демократија и социјалистичката ПАСОК, не можат да ги решат проблемите на земјата.

- Нејзината земја, сонцето и морето ќе ја спасат Грција, рече Теодоракис, кој ја почна својата предизборна кампања на крајот на минатата недела, од неговото родно село на островот Крит.

Неговата партија веднаш се најде на трето место во предизборните рејтинзи за европските избори, по владеjачката Нова демократија и главната опозициска партија СИРИЗА, покажа истражувањето на институтот Issue, објавено во „Весникот на уредниците“.

На парламентарните избори, меѓутоа, „Реката“ би се пласирала на четврто место со седум проценти поддршка, по неонацистичката партија „Златна зора“, која би добила 10,5 проценти од гласовите, покажа истражувањето.

Според аналитичарите, „Реката“ ги придобива избирачите како од десницата, така и од СИРИЗА и oд левиот центар.

Весникот „Етнос“ вчера откри сличности меѓу новата партија и италијанската партија „Движење пет ѕвезди“ на поранешниот комичар Бепе Грило, која предизвика изненадување на изборите во 2010 година, искористувајќи го „политичкиот вакуум“.

Кризата во Грција доведе до извесно дискредитирање на традиционалната политичка елита, во која доминантна улога повеќе од 30 години имаа Нова демократија и ПАСОК. На последните парламентарни избори во 2012 година драстично опадна бројот на нивни поддржувачи.

17.03.2014 - 19:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега