Томислав Коцевски: Ветената земја

Да се биде Евреин е чест но и проклетство.

Да се биде Македонец уште полошо.

Четириесет години талкање по пустините и планините на пеколот на земјата беше услов избраниот народ да пристигне на ветената земја. Мојсие, избраниот  предводник добил задача директно од Господ, да го одведе својот народ во ветената земја, но ни тој самиот не знаеше дека нема никогаш да стапне на неа. Цела една или две генерации, заедно со предводникот, беа жртвувани, но не без причина. Таму треба да се влезе чист, измиен од калиштата на минатото, наследството на омразата, товарот на историјата, со ведар лик, полн со надеж за иднината, за другите по тебе, за поколенијата.

Не случајно било така како што било, но исто така не случајно потоа Евреите низ историјата (и денес) имале и имаат  милиони проблеми во таа ветена земја, земјата на прататковците.

 Зошто таа не била ветена само за нив, таму имало и други па и трети, а и тие имале прататковци и свои контакти со севишниот.

Е сега има уште еден момент кои сите го забораваат. Евреите засекоаш си останале и ќе си останат Евреи. Не Римски легионери ги касапеле, не средновековните крстоносци ги пљачкосувале, не арапските сабји ги сечеле, не Хитлеровите логори на смртта ги гореле, па повторно арапите со демографска експанзија ги потиснувале, ама Евреите своето не го менувале. Своето го чувале. Уште го чуваат.

Ако се ибидеме да направиме некаква паралела со Македонците и Македонија веројатно ќе најдеме многу сличности, но и многу различности.
Влезот на Македонија во ветената земја, ЕУ, ниту е господова работа, ниту имаме предводник,некој со сила не тера . Или пак се лажам?

Можеби оваа нашево парче од Европа е таа ветената земја. Ама и ова парче изгледа е ветено и на други и на трети и на четврти, крај нема.

За нас Македонците по род, слична е состојбата, како со Евреите, мислам генерациски, веројатно ќе треба сосем да се ослободиме од хипотеките и наледството од минатото иако се уште мнозината од нас мислат дека се уште не сме ги расчистиле историските неправди, не сме ги наплатиле долговите, не сме се исчистиле меѓу нас, ама тоа тие само си сонуваат за некои никогаш не доживеани романтични денови, раскажани единствено во прикаските.

Тоа е илузија која вечно ќе стои пред нас ама нема никогаш да заживее..

Сега сме фатени во менгемето на историјата која сега се создава за идните генерации (ако ги има), заглавени во мочуриште од кое тешко се излегува . зошто нема кој да ти пружи рака или стап како оној на Мојсие, волшебен, чудотворен, па да те повлече. Додуша нуди Европа ама многу е жежок стапот, не се допира, а и нема јунак кај нас да го фати машки и да повлече, колку и да гори.

Е, го тешат де јунакот ако се осмелил да повлече и си ги изгорел рацете ќе му ги лечеле со маслиново масло ладно цедено, made in  јужниот ни сосед.

Тоа било единствен лек за историски изгореници четврти степен, ама трета клапа. Така е, трета клапа, од филмот за Македонија на Македонците.

Првата била таму на почетокот на минатиот век, времето на востанија и балкански војни, втората на средина од векот од комунистичката спроведена доктрина за несоздавање целокупна македонска нација, а оваа третава што се подготвува ќе биде пеколна.

Таа не ќе остави мастраф за четврта , ќе нема потреба.

PS. Ја следам деновиве состојбата во Украина. Им се нуди уставен ред за демократија во сиромаштија, од една страна и поредок со спас од банкрот од друга страна.

И нив им нудат спас со стап. Ама стапот има два краја.

Кој  ли ќе го одберат?

Американските урагани како да дојдоа наваму, накај Европа. Од друга страна колку и да е остра сибирската зима мечката не се крие, игра ачик ,отворено.

Ем  урагани, ем сибирска зима, па европското знаме нигде го нема, се усукало, не се препознава, од силна ветрометина. Индолентноста на студените англичани, креатурите од лидери како оној во денсерон во САД или оној францускион швалер, затскриени зад изјавите на првиот човек на силната НАТО алијанса, неможат да му парираат на бившиот шеф во КГБ.

Единствен сериозен играч е повторно, и повторно Германија со девојчето Меркел, ама и таа не знае каде попрво. Не се стасува секаде.

Гледано реално и малку отстрана, Путин е во сериозна предност се додека нема проблеми со жолтите. Тие му се единствени соперници. Овие другиве, бели или црни, сеедно, не му се дораснати.

Каде е тука Македонија? Е, каде е де? Кој крај од стапот ќего фати? Ќе искористи ли нешто од гужвава? Не верувам.

Некаде прочитав : старата дама е сепак само џин од хартија, или на хартија како сакате.

Томислав Коцевски

21.03.2014 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега