Крвав викенд: За три дена 41 сообраќајка во Скопје

 

Изминатиот викенд во Скопје се случиле 41 сообраќајна незгода од кои две со последица тешки телесни повреди, 11 со телесни повреди, а 18 со предизвикана материјална штета.

Полицијата демне на улиците. Санкционирани се 49 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, како и 43 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 23 се движеле со поголема брзина од 90 километри на час во населено место.  Санкционирани се и осум возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, како и 25 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците.

Во петокот се евдентирани 12 сообраќајки од кои во една лице е тешко повредено. Незгодата се случила на магистралниот пат Скопје – Тетово во 17 часот и 30 минути меѓу патничко моторно возило „голф“ со тетовски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје, и патничко моторно возило „пасат“ со скопски регистарски таблички, управувано исто така од скопјанец. Покрај тешко повредениот кој бил сопатник, телесни повреди здобиле и двајцата возачи, како и уште еден еден сопатник. Регистрирани се уште седум сообраќајки со материјална штета, како и четири со полесни повреди на возач на патничко моторно возило, тројца пешаци и тројца сопатници.

Во саботата сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 11 незгоди. Во 17 часот и 50 минути, при судир на две патнички моторни возила марка „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје, и два мотоцикла марка „сузуки“ и „јамаха“ со скопски регистарски таблички, тешки телесни повреди здобил едниот мотоциклист, додека другиот е полесно повреден. Завчера се регистрирани и седум сообраќајки со материјална штета, како и уште три со последица телесна повреда кај четири лица.

Според МВР, вчера се случиле осум сообраќани незгоди од кои четири со последица материјална штета и четири со полесни повреди кај двајца возачи на патничко моторно возило, еден пешак, еден сопатник, еден возач на мопед и еден велосипедист. Евидентирани се уште три незгоди со мала материјална штета во кои е пополнет Европскиот извештај.

Во рамките на сообраќајно воспитните акции Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево на територијата на општина Кисела Вода со учениците од второ и четврто одделение.

Исто така, денеска Отсекот за превенција ќе почне сообраќаен воспитен проект „Запознавање со основите за безбедноста на сообраќајот и развивање на сообраќајно-техничката култура“ кај учениците во средните училишта АСУЦ „Боро Петрушевски“ и „8 Септември“ кои се наоѓаат на подрачјето на општина Гази Баба.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

31.03.2014 - 10:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега